Македонија

Владата работи на целосна стратегија за младите, објави премиерот Мицкоски

02.04.2026 13:18

Премиерот Мицкоски не ги прифаќа нападите дека Законот за високо образование има престроги критериуми. Резултат на сегашната состојба, како што вели, е тоа што немаме ниту еден универзитет меѓу 2. 500 најдобри на шангајската листа или на друго релевантно рангирање. На утринската програма на МТВ рече дека Владата работи на целосна стратегија за младите. Се планираат стимулации за зголемување на наталитетот, задржување и враќање на младите во земјата...

Измените во новиот закон за образование, со кој се воведуваат повисоки критериуми, како што се објавување најмалку 4 трудови во реномирани научни списанија во рок од пет години, би требало во догледна иднина да го врати УКИМ повторно во првите 2000 универзитети на Шангајската листа – смета премиерот Мицкоски. Тој во Утринската програма на МРТ рече дека досегашната состојба во образованието е резултат на непродуктивни изговори. Вели, секогаш може повеќе ако редовните професори се солидно мотивирани. Оние кои критикуваат напредок не можам да ги сфатам, рече Мицкоски.

„Мене не би ме држело место да ја набљудувам состојбата, да тонам, а да не барам чаре. Тоа би било погрешно. Може да згреши тој што работи, тој што не работи не може. И сè додека не работиме со овој тип на луѓе, состојбата ќе остане така. Ние нема да генерираме доволно квалитетен кадар, кој може да се соочи со предизвиците“, изјави премиерот Мицкоски.

Врвен приоритет на Владата е задржување на младите во државата – посочи премиерот. Разбира дека во колективната свест е останато разочарувањето од бруталната транзиција на деведесеттите, како и печалбарската традиција, но надвор од сопствената држава остануваш странец засекогаш. Мицкоски очекува во блиска иднина дел од иселениците да се вратат за што вели, има успешни примери на повратници.

Стабилен систем е основата врз која ја градиме иднината на младите – посочи претседателот на Владата. Најави низа мерки кои ќе го стимулираат наталитетот во државата, меѓу кои и ослободување од данок за повеќедетните семејства.

Марина Стојанова Тонева