Нов апарат за рана детекција на остеопороза
Остеопорозата се почеста кај пациентите. За да се спречат скршениците болеста треба рано да се открие. Во Мајчин дом во функција нов апарат за детекција и следење на остеопорозата. Лекарите ги повикаа граѓаните да закажат термин.

Се поголем е бројот граѓани кои страдаат од остеопороза. И при лесен пад, болеста на коските предизвикува скршеници на колк, ’рбет особено кај луѓето над 50 години. Неопходна е операција и долга рехабилитација – што претставува стрес за пациентите и трошок за здравствениот систем. За да се спречат скршениците болеста треба рано да се открие . Во „Мајчин дом“ повторно е во функција нов современ апарат за детекција на остеопороза. Лекарите ги повикаа граѓаните да закажат термин.
„Овој апарат ни отвора врати, покрај тоа што ќе го намалиме бројот на скршеници, да направиме голема заштеда на здравствениот систем, понатаму се надеваме дека со министерството за здравство ќе формираме регистар на пациентите со остеопороза за да можеме да ги следиме“, изјави д-р Марта Фотева – Клиника за ортопедски болести.
„Ќе направиме нова патека каде нема да дозволиме овие пациенти овие пациенти да дојдат на оперативен стол ако превентивно ги следиме“, изјави д-р Игор Мерџановски – директор на ТОАРИЛУЦ.
Во земјава има 13 апарати за рано откривање на остеопороза, пет се во Скопје. Но тие не се доволни за превенција на болеста. Здравствените власти ќе го следат примерот на другите земји – наместо државата да купува, ќе изнајмува апарати, така велат и нивното одржувањето ќе биде полесно.
„Веќе сериозно правиме анализа за да може и ние како држава да пристапиме кон тој модел на изнајмување на апарати кое ќе биде ад хок решение на ниво на државата, тоа значи дека 20 – 30 апарати ќе може истовремено да се инсталираат на ниво на здравствените институции. Но од друга страна и одржувањето и следењето од техничка гледна точка на таа апаратура ќе биде полесно“, изјави Азир Алиу – министер за здравство.
Коскеното здравје, посочуваат лекарите, почнува уште во матката на мајката. Витамин д, физичката активност и правилна исхрана треба да се применуваат уште од најрана возраст.
Андријана Ѓурческа
