Ново рочиште за случајот „Онкологија 1“
Во Кривичниот суд денеска ново рочиште за случајот „Онкологија 1“. Со вкрстени прашања, обвинетите и нивните бранители го испрашуваа вештакот од Србија. Одбраната тврди дека извештаите се подготвени врз нецелосно доставена документација од Обвинителството. Наместо обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска, предметот сега го води Марија Ѓорѓиева.

Единствено ново на судењето за „Онкологија 1“ е јавната обвинителка, наместо Ана Гоговска-Јакимовска, случајот сега го води Марија Ѓорѓиева. Старо е тврдењето на одбраната дека вештаците извештаите ги подготвиле врз нецелосно доставена документација од Обвинителството. Денеска се обидоа да го докажат тоа на вкрстени прашања коишто обвинетите и одбраната имаа можност да му ги постават.
Според лекарот од Србија, кај онколошките пациенти немало структурирано радиолошко следење, ниту објаснување зошто им се давало терапија.
Вештакот од Србија направил вештачење на досиејата на 16 пациенти од кои 14 се предмет на обвинение.
Во случајот за несовесно лекување болни со канцер опфатени се досиеја на 47 пациенти, од кои најголем дел 31 му се ставаат на товар на Васев, 16 на докторката Црвенкова и 3 на Јакимовски.
Наташа Јанчиќ - Менковски
