Продолжи судењето

Нови сведоштва за трагедијата во Тафталиџе

02.04.2026 17:50

Во Кривичен ново рочиште за случајот во Тафталиџе што ја потресе јавноста, откако Ивана и нејзината ќерка починаа при пад од зграда. Судењето продолжи со сведоци-наставничката на малата Катја, братот на Ивана и сосетка во зградата каде што живееле. Сите тројца потврдуваат насилство во домот на Јовановски.

Родителите не дошле на првата родителска средба на своето прваче, а бабата, мајка на Ивана и кажала на учителката дека ќерка ѝ е жртва на семејно насилство. За ова посведочи учителката на малата Катја, која за проблемот го известила и психологот.

„Еден ден девојчињата си играа и забележав дека Катја падна на подот. Ги прашав дали играат некоја игра или прават драматизација на некоја приказна. Катја рече дека татко ѝ кога ја удирал мајка ѝ, таа така паѓа. Веднаш го известив психологот и таа разговараше со Катја“, изјави Натка Лазарева – сведок.

Судот го сослуша и братот на починатата Ивана. Рече дека проблемите им почнале во 2025 година и не верува оти сестра му доброволно се враќала кај Стојанче, туку била уценета. И помагал финансиски со позајмици, но стравувал дека парите ќе завршат кај адвокатот на Стојанче за случајот со дрогата.

„Ивана ни кажа дека Стојанче ѝ се заканувал дека ќе ѝ го земе станот. Ѝ побарал 30.000 евра да го исплати и тој да си оди. Сестра ми побара да ѝ помогнам. Се согласив, ѝ реков дека тоа треба полека да го решиме, ама мора да бидеме сигурни дека нема да биде измамена“, изјави Александар Стојановски – сведок.

Исказ даде и сосетка на семејството. Кажа дека често слушала расправии, а во два наврати и повикала полиција.

Анита Димитријевска – Велковска