САД и Израел продолжуваат со нападите во Иран
Наспроти уверувањата на Трамп за крај на војната во Иран, меѓусебните напади не прекинуваат. Во американски воздушни удари уништен е најголемиот мост во иранскиот град Караџ. Иран пак продолжува со ракетирање на цели во Израел. Генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш повика на итен прекин на огнот. Предупредува проширување на конфликтот.

Најголемиот мост во иранскиот град Караџ близу Техеран е уништен во американски воздушен напад. Има жртви и десетици повредени. Трамп се закани – ова е само почеток, ако нема договор следни на удар ќе бидат електраните.
„Нашата војска, најголемата и најмоќната, дури и не почнала да го уништува она што останало во Иран. Следно мостови, па електрични централи! Новото раководство на режимот знае што треба да се направи, и мора да се направи, БРЗО!“ – објава на Доналд Трамп – претседател на САД.
Закани и од Израел, продолжени напади врз Либан и Иран, убиен уште еден ирански генерал. Техеран возвраќа, подготвен е да се бори докрај. Погодени објекти во Бахреин, ОАЕ, Кувајт и Јордан, вклучувајќи ги Амазон и дата-центарот на Оракл. Во поддршка, и проиранските Хути.
„Продолжуваме да ја продлабочуваме штетата врз воените индустрии на режимот. Нашите цели се јасни-да ги отстраниме заканите и да ги заштитиме заедниците. Ова само почетокот“, изјави Бригаден генерал Ефи Дефрин – портпарол на израелската војска.
„Нашите вооружени сили спроведоа координирана воена операција со братските борци во Иран и Хезболах во Либан насочени кон витални цели на израелскиот непријател“, изјави Бригаден генерал Јахја Сари – портпарол на војската на Хутите.
Ормускиот теснец и натаму во фокусот. Над 40 држави на покана на Британија разговараа за негово отворање, по критиките на Трамп. Франција и Јужна Кореја ќе работат заедно да ја обезбедат безбедноста на теснецот.
„Разговаравме за кризата на Блискиот Исток, условите за процес на деескалација и за повторно отворање на Ормускиот теснец. Тоа е истата визија што ја браниме“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.
„Се согласивме да работиме заедно за решавање на глобалната економска неизвесност, како и да обезбедиме безбедни бродски правци“, изјави Ли Џе Мјунг – претседател на Јужна Кореја.
Предлогот на Бахреин за овозможување слободна пловидба низ теснецот пред Советот за безбедност на ОН.
„На работ сме на поширока војна. Дипломатските напори се во тек и заслужуваат поддршка. Цивилите и инфраструктурата мора да се почитуваат, а слободата на навигација да се заштити. Крајно време е да се запре војната“, изјави Антонио Гутереш – генерален секретар на ОН.
Шефот на Арапската лига ги осуди иранските напади и дејствија што го загрозуваат теснецот.
„Овие ирански напади не можат да бидат прифатени. Иран веднаш да ги прекине сите напади врз комерцијални бродови и да се воздржи од спречување на слободата на пловидба“, изјави Абул Геит -Генералниот секретар на Арапската лига.
Мировните напори со посредство на Пакистан продолжуваат, Хегсет најави промени во американската војска откако побара смена од началникот на Генералштабот.
Бојана Крстевски
