НАСА

Успешно лансирање на „Артемис 2“

03.04.2026 11:16

По 5 децении НАСА се враќа на природниот сателит на земјата. Четири члениот екипаж по неколку часа поминати во орбитата се приближува кон месечината. Иако 10-дневната мисија не вклучува слетување, таа е клучен чекор од плановите за враќање на човекот на месечината до 2028-ма година.

По половина век, НАСА повторно на пат кон месечината. Четиричлениот екипаж на мисијата „Артемис 2“, по неколку часа поминати во земјината орбита го изведе клучниот маневар „транс-лунарно вбризгување“ со што леталото „Орион“ се насочи кон месечината, чијашто гравитација ќе им помогне да се вратат назад на земјата.

„Веројатно едно од нештата што нè изненади сите нас е кога тие цврсти ракетни погони всушност се запалија и ние ја напуштивме платформата. Фактот дека се лансиравме, едноставно те изненадува, иако го очекуваш тоа“, изјави Џереми Хансен-астронаут од Канада.

„Пред околу еден час кога контролата на мисии Хјустон го преориентираше нашето вселенско летало додека сонцето заоѓаше зад земјата, можеше да се види целиот свет од пол до пол. Можеше да се види Африка, Европа. И ако погледнете одблизу, можевте да ја видите северната светлина. Тоа беше најспектакуларниот момент. И нè запре сите четворица во место“, изјави Рид Вајсман-командант на мисијата „Артемис 2“.

„Тукушто почнуваме. Имаме уште многу мисии пред нас. Затоа навистина сакам да им кажам да останат во тек и да следат што се случува. НАСА одлично ја врши работата со соопштување на сите работи што доаѓаат“, изјави Виктор Гловер – пилот на леталото „Орион“.

„Едно од најголемите изненадувања беше колку лесно беше полетувањето. Сите очекувавме навистина динамично возење, многу движење. Бевме подготвени потенцијално да не можеме да гледаме телеметрија, можеби дури и да не можеме, знаете, да ги допреме прекинувачите. И беше многу лесно“, изјави Кристина Кох-астронаутка.

Планирано е леталото „Орион“ во орбитата да го урне рекордот на мисијата „Аполо 13“ во 1970 година. В понеделник треба да прелета покрај месечината што ќе биде следната клучна фаза од мисијата. Иако оваа десетдневна мисија не вклучува слетување на месечината, таа е клучен чекор за плановите на НАСА за враќање на човекот на месечината до 2028 година и поставува основа за мисии на Марс.

 

Ирина Гелевска