Здравство

Охридскиот кардиолошки центар воведе нова метода за лекување

03.04.2026 14:10

Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ од Охрид е првата здравствена установа во Македонија која ја воведе новата метода за третман на периферна артериска болест-„механичка ротациона атеректомија“. Вчера беа изведени три зафати, а се очекува оваа процедура да биде воведена како постојана во оваа болница.

Со воведувањето на методата „Механичка ротациона атеректомија“ Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ од Охрид е првата здравствена установа во земјава што ја користи во третманот на специфични промени на периферните артерии. Со оваа метода се отстрануваат атеросклеротичните наслаги од артериите, пред сè на нозете, со што се подобрува протокот на крвта кај пациентите.

„Во рок од два месеци во нашата установа се воведе уште една нова процедура, директна артериска тромб атеректомија ротациона на крвни садови, изразито калцифицирана. Денеска имавме три пациенти, а во план ни е оваа процедура да ја воведеме како постојана, со цел унапредување и лекување на периферната артериска болест во Македонија“, изјави д-р Дејан Манчевски-интервентен кардиолог.

„Доктор Манчевски и јас веќе сме работеле заедно и навистина ми е чест што сум тука по повод убавата прилика да воведеме нова, модерна процедура која не се изведува во сите европски центри“, изјави доц. д-р Владимир Цветиќ – Клинички центар Белград.

За воведување на нови процедури специјализираната болница има огромна поддршка од Фондот за здравствено осигурување.

„Се одобрени воведување на пет нови процедури со четириесет интервенции, за што ни е одобрен буџет од шест милиони денари за набавка на скапиот потрошен материјал во воведување на овие интервенции. Сето ова е признание на постигнувањата и поддршка за понатамошен развој на нашата болница“, изјави д-р Билјана Теговска – директор на специјализираната болница „Свети Стефан“ Охрид.

Со новата метода ќе се минимизира потребата од хируршки интервенции и ќе се спречи инвалидитетот кај пациентите.

Сашо Нелоски