Здравство

Во Охрид прв Социо-здравствен саем

03.04.2026 19:02

Недостиг на одредени лекови и помагала, административни бариери и долги листи на чекање за прегледи и интервенции – ова се најчестите поплаки на пациентите. Во Охрид од денес се одржува тридневен социо-здравствен саем, настан што ги обединува лекарите, институциите и граѓаните…

Недостиг на лекови и помагала, административни пречки и долгото чекање за прегледи и интервенции се најчестите проблеми со кои се соочуваат пациентите. Дел од граѓаните се недоволно информирани и имаат недоверба кон институциите, што дополнително го отежнува пристапот до здравствена заштита.

Ова беше истакнато на првиот Социо-здравствен саем што од денес се одржува во Охрид, а има за цел да ги доближи институциите, здравствените работници и пациентите.

„Често слушаме дека не можат да остварат право на нега, инвалидска пензија, дека има административни бариери. Но, од разговорите што ги водевме изминативе месеци, мислам дека најголем проблем е и стравот, како и предрасудите кон институциите. Граѓаните често велат дека системот не функционира, дека нема лекови или помагала, но кога ќе ги прашаме дали побарале помош – најчесто не го направиле тоа“, вели Димче Каневче од Здружението на дијабетичари Охрид.

„Понекогаш се случува да недостасува одредена група на лекови и тогаш пациентите имаат проблем со лекувањето, а голем предизвик е и цената на лековите“, вели д-р Кристина Митреска.

Преку панел-дискусии со лекари специјалисти и отворени разговори за хронични заболувања и ментално здравје, се очекува да се надминат бариерите на релација здравство – пациенти.

„Како општествено одговорна компанија го поддржуваме овој настан. Целта е да се зголемат знаењата поврзани со здравството и да се приближат мерките што им стојат на располагање на ранливите категории“, вели Марица Баткоска, организатор на саемот.

„Целта на овие настани е да се истакне колку е важно менталното здравје. Без стабилна ментална состојба не можеме да бидеме здрави – тоа е тесно поврзано со физичкото и духовното здравје“, изјави Ристана Николоска од советувалиште за ментално здравје.

На социо-здравствениот саем учествуваат околу 20 здравствени установи, компании и организации, како и лекари и здруженија на пациенти.

Соња Рилковска