Дигитализација

Андоновски: Ќе потпишеме договор за прифаќање на електронските потписи меѓу Македонија и Црна Гора

03.04.2026 16:31

Министерот Андоновски информираше дека ќе биде потпишан договор за меѓусебно прифаќање на eлектронските потписи меѓу Црна Гора и Македонија.

На денешната промоција на новите електронски услуги за студентите од Државниот завод за статистика (ДЗС) достапни на порталот uslugi.gov.mk, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски информираше дека ќе биде потпишан договор за меѓусебно прифаќање на eлектронските потписи меѓу Црна Гора и Македонија.

„Имавме два дена квалитетни разговори со претседателот на Црна Гора. Нешто што веќе го подготвуваме, а можам да го најавам и на Самитот за сајбер-безбедност во Париз, е потпишувањето договор за меѓусебно прифаќање на електронските потписи на Црна Гора и Македонија“, изјави Андоновски, додавајќи дека овој договор ќе значи големо олеснување за бизнис-соработката меѓу компаниите од двете земји.

„Ова значи дека секој електронски потпис издаден во Македонија ќе биде признаен како целосно валиден во Црна Гора, а истото ќе важи и обратно — секој електронски потпис издаден во Црна Гора ќе биде целосно валиден во Македонија. Сметаме дека на овој начин ќе ја олесниме комуникацијата меѓу двете држави и ќе придонесеме за подобрување на економските односи“, додаде министерот.