Доделени наградите за општествена одговорност на претпријатијата
Сите наградени имаат право да го користат логото на Координативното тело за општествена одговорност на своите производи и услуги со додавање на бројот 2013...
Националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија денеска во Скопје на 21 македонска компанија им ја врачи Националната награда за најдобри општествено одговорни практики за 2013 година.
Во секоја од петте категории се додели награда за големо претпријатие и награда за мало или средно претпријатие. На најуспешните им беа врачени статуетки, а на оние со особено добри апликации плакети. Сите наградени имаат право да го користат логото на Координативното тело за општествена одговорност на своите производи и услуги со додавање на бројот 2013.
На конкурсот вкупно учестуваа 38 деловни субјекти со 56 апликации од кои 17 беа мали и средни претпријатија со вкупно 21 проект и 21 големо претпријатие со 35 проекти. За првпат аплицираа 10 претпријатија или 26 отсто од вкупниот број. Најголем број од претпријатијата кои аплицираа се од банкарскиот, ИКТ и металуршкиот сектор по пет, а потоа следат градежната и прехранбената индустрија со по четири.
Наградените се избрани од страна на стручни жири комисии составени од претставници на јавниот и граѓанскиот сектор.
