Вработен во образовна институција, осомничен за детска порнографија
31-годишник, вработен во образовна институција, осомничен за производство и дистрибуција на детска порнографија. Истрагата отпочната по дојава од Австралија за сомнителни ИП-адреси во Македонија.

Битолското обвинителство отвори истрага против 31-годишен битолчанец, под сомнение за производство и дистрибуција на детска порнографија. Осомничениот, вработен во образовна установа, во период од две години на компјутерски уреди и опрема, инсталирани во домот, набавувал за себе и поседувал материјали со детска порнографија. Предистражната постапка на обвинителството, во координација со МВР и форензика, започнала по известување од австралиската федерална полиција која спровела акција за откривање на веб-страници одговорни за дистрибуција на слики и видеа, со материјали од злоупотреба на деца.
„Австралиските служби спроведоа операција за откривање на корисниците на ИП-адреси кои се обиделе да пристапат до една или повеќе од веб-страниците, при што биле идентификувани повеќе уникатни регистрирани корисници, нивните електронски и ИП-адреси од кои дел во Македонија, за што е испратено известување и до македонските истражни органи“, соопштуваат од Обвинителството.
Јавното обвинителство за уапсениот битолчанец бара мерка притвор.
Првичните информации беа дека полицијата врши претреси на локации во Струмица, Битола и Струга, при што за поседување детска порнографија се сомничи и Борче Костевски од Струга, претседател на бугарското здружение „Струмичка петорка“, водител на поткастот Б2 канал – Почетна пресметка, лоцирано во Скопје. Тој преку видеопорака негираше дека е вмешан во каков бил криминал.
Пред четири години, скопскиот Кривичен суд им изрече затворски казни од по четири години на двајца креатори на групата „Јавна соба“, на социјалната мрежа „Телеграм“. Беа обвинети за производство и дистрибуција на детска порнографија.
Миле А. Ристески
