Роуд – шоу во Турција

Посетата на Турција резултира со нова инвестиција!

16.09.2014 15:50

Владиното роуд – шоу во Турција резултираше со нова инвестиција. Компанија која веќе оперира во земјава, најави проширување на бизнисот и отворање на откупно – дистрибутивни центри за македонските земјоделски производи. Пред бизнисмените презентирани инвестициските можности. Македонската Влада испрати порака – ние сме пријателски ориентирани кон стопанството...

Турската компанија „Смирна Парс“ го проширува бизнисот во земјава. Во Могила, Новаци и Росоман планираат изградба на откупно – дистрибутивни центри за македонските земјоделски производи.

„Одлучивме да инвестираме во Р. Македонија, пред сè како резултат на условите што ги нуди вашата Влада. Имавме одличен прием од македонските институции и ги добивме сите потребни информации. Јас верувам дека и другите турски бизнисмени кои се присутни на бизнис – форумите, кога ќе ги слушнат условите за инвестирање, ќе донесат одлука да инвестираат во Македонија“, изјави Ридван Уретен, бизнисмен.

Јакнат бизнис врските меѓу Македонија и Турција. Во петте економски центри на џинот од Босфорот се претставуваат инвестициските можности, пред компании од повеќе сектори: прехранбената индустрија, високотехнолошките дејности, машинството.

„Ние сме Влада која е пријателски ориентирана кон бизнисот. Ние сме Влада која е во постојан контакт со бизнисот, со стопанските комори, со компаниите. Ние секојдневно комуницираме со нив и ги слушаме нивните барања, потоа ги анализираме барањата и огромен дел од нив ги прифаќаме и спроведуваме. Така ќе продолжиме и да постапуваме и во иднина“, нагласи премиерот Никола Груевски.

По презентациите во Измит и Ескишехир, остварени се и повеќе директни контакти со турски компании. На средбите биле претставени инвестициските поволности, спроведените реформи, атрактивната бизнис – клима, високо образованиот кадар. Разговарано е за конкретни локации, на кои турските инвеститорите би изградиле фабрики, за настап на европскиот пазар. 

„Разговаравме со повеќе странски компании кои сакаат да инвестираат надвор од Турција, а Македонија е една од дестинациите кои ги разгледуваат“, изјави Фуркан Чако, министер за привлекување странски инвестиции.

„За две години, на листата на конкурентност на Давос, Македонија се искачи за 18 места. Нема друга држава што направила толку голем скок за вака краток период“, потенцира Груевски.

Владиното роуд – шоу продолжува со инвестициски форуми во Анкара, Адана и Мерсин. Освен економски, посетата има и политички карактер. Премиерот Груевски утре ќе има средби со претседателот Ердоган и со премиерот Давутоглу.

 

Мартин Пушевски