Почнаа подготовките за електронскиот попис
Следниот попис ќе биде електронски. Државата се подготвува, следното пребројување на населението да го спроведе со користење административни извори.

Институциите ги почнаа подготовките за следниот попис на населението, кој е предвидено да се спроведе електронски, а според препораките на Евростат, треба да се случи во 2031-та година. Наместо теренско попишување, ќе се користи статистички регистар – систем што ќе ги поврзе податоците од сите институции, со што ќе се добие целосна слика за населението. Досегашните податоци се базираа само на родени и умрени и на миграцијата.
„Проценката би се базирала на сите административни извори, а не како досега само врз основа на виталните статистики, односно на родените и умрените и само врз основа на податоците за имиграција и миграција каде извор е Министерството за внатрешни работи и каде што овој збир на податоци има одредени слабости“, изјави Дејан Станков, Државен завод за статистика.
Една од клучните слабости е што иселениците не се одјавуваат од земјава. Надлежните тврдат има механизми со кои ќе се надмине ова.
„Голем дел од активностите не беа извршени на вистинскиот и правилен начин според методологијата. Второ, се вршеше попишување на лица во странство кои воопшто не се резиденти на државата, под неразјаснети околности и на неразјаснети начини. Се случуваше да има пакети со пасоши кои се попишуваа како да се луѓе, нешто што не смееме да го дозволиме на следниот попис“, изјави Стефан Андоновски, министер за информатичко општество и јавна администрација.
Од Државниот завод за статистика велат дека се значително поподготвени за спроведување на електронски попис во споредба со претходно.
Последен попис на населението во Македонија беше во 2021 година. Тогаш Уставниот суд го оспори попишувањето на нерезидентното население.
Од Заводот за статистика велат дека ќе ги земат предвид препораките на Уставен, бидејќи целта на пописот е пребројување на населението кое живее во државата.
Андријана Ѓурческа
