Реакции по оставката на Ленче Ристоска
Не запираат реакциите по оставката на обвинителката Ленче Ристоска. СДСМ обвини дека нејзината елиминација, извршена како што велат со помош на републичкиот обвинител Савески, има за цел да се постави обвинител под контрола на власта. Според ВМРО-ДПМНЕ, Ристоска била дел од машината на СЈО за вршење политички прогон.

Власта ја елиминираше обвинителката Ленче Ристоска за да стави обвинител под контрола на премиерот Мицкоски – обвини СДСМ. По поднесената оставка на Ристоска, која по СЈО ги застапуваше предметите „Талир“ против ВМРО-ДПМНЕ, социјалдемократите сметаат дека новиот републички јавен обвинител, Ненад Савески исполнува делегирани задачи од шефот на Владата.
„Савески и ги одзеде предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ за нелегално партиско богатење, незаконски стекнат имот, незаконска Бела палата на ВМРО-ОКГ. Класична операција, по нарачка на Мицкоски за спас на криминалниот имот на ВМРО-ОКГ, најбогатата партија во Европа. Ете зошто на власта и требаше обвинител под нејзина контрола, за спас на криминалците во врвот на власта“, изјави Кузевска.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат, очекувано е СДСМ да ја брани Ристоска, бидејќи според нив, таа била нивен играч и пион. Предметите „Талир“ 1 и 2 и по 10 години се без епилог, велат од партијата, што говори за намерите на Ристоска, но како што велат од партијата, завршено е времето на исполнување политички агенди и инструментализација на правдата.
„Да беше Ристоска со вредности како што кажува, ќе си одеше од СЈО кога се делеа награди, кога лапаа награди, покачувања, дополнителни плати кои ги делеа сите таму и кога шетаа Луј Витон торбици. Таа не само што остана таму, туку продолжи да биде десна рака на Катица Јанева, за сега да глуми жртва и борец за вредности“-соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Реагираше и поранешна обвинителка во СЈО, Лејла Кадриу. Таа, оставката на Ристоска ја оцени како бегство од одговорност, а не како принципиелен чин.
„Да го направеше овој потег при примопредавање на незаконито прислушкуваните материјали кога државата ја рушеа од темел, ќе ѝ поверував дека има принципи. Кога вистината почнува да боли, оставката станува најлесен одговор“- пишува Кадриу.
Марина Стојанова-Тонева
