Здравство

Нема термини за итни пациенти, матичните со врзани раце

03.04.2026 18:51

Луѓе со градна болка и покачен притисок треба да чекаат по еден месец за преглед. Исто и оние со болки во абдомен или лоши резултати од крвна анализа. Матичните лекари, чекајќи ги најавените промени и електронското здравство, заглавени во безизлезноста да се спаси пациентот.

Нема итни упати за итни пациенти, матичните лекари со врзани раце. Нема можност за испраќање на специјалист пациент со градна болка, неуредно ЕКГ и покачен притисок 200 со 120, вели докторката Даниела Ѓоргиевска.

Докторката советувала пациентка да појде во Ургентен центар. Вели, поради вакви проблеми ургентните центри се полни, а товарот паѓа и врз Итната медицинска помош.

Но, не се проблем само итните пациенти, туку и оние коишто веќе се лекувале на примарно ниво, a здравствената состојба не им се подобрила. Вели, во некои јавни здравствени установи со години не можеме да креираме упат, а на некои нема термин, се натпреваруваме со колегите за фаќање термин.

Надлежните редовно ги најавуваат промените во здравствениот систем, но лекарите и пациентите сè уште не ги чувствуваат.

Наташа Јанчиќ-Менковски