Трговија

Цената на јајцата засега стабилна

05.04.2026 13:45

Цените на јајцата и на маслото за јадење се со мало покачување, покажала анализата на Државниот пазарен инспекторат. Јајцата во просек се од 10 до 12 денари. Според надлежните, не се очекуваат поскапувања пред велигденските празници...

Емин Зекири, 20-тина години е сопственик на живинарска фарма. Почнал со 3.000, за денеска да одгледува 43.000 кокошки кои дневно несат по околу 38.000 јајца. Само за храна дневните трошоци го чинат над 2.000 евра. Со оглед на тоа дека станува збор за автоматизиран процес, екстремно високи се и трошоците за струја – објаснува Зекири.

Јајцето од фарма го продава за 9 денари. Цените ќе останат непроменети за велигденските празници. Но, потоа може да се очекува благо поскапување, бидејќи кризата ги поскапува транспортот, струјата и сточната храна-додава тој.

Зекири очекува финансиска поддршка за проширување на фармата. Доколку се продлабочи кризата, вели неопходна е државна помош и зголемување на државните субвенции за да опстои.

Кога ќе допатува од фарма до маркет, јајцето достигнува цена од 10 до 13 денари. Трговците најавуваат и акциски цени за Велигден.

Цените на јајцата и на маслото за јадење имаат мало покачување според анализата на Државниот пазарен инспекторат на движењето на набавните/производствените и продажните цени во првите три месеци од годината во земјава.

„Во трговијата на мало забележано е покачување на продажните цени на јајцата и маслото за јадење во сите малопродажни објекти. Во просек, зголемувањето на цената на јајцата е за 1 до 2 денари по јајце или од 10 до 20 проценти, а на маслото за јадење од 4 до 10 денари по литар во зависност од производител, односно од 7 до 10 проценти“, велат од ДПИ.

Од увидот и анализата на цените на производите во трговијата на големо од страна на Пазарен, утврдено е зголемување на увозната/производната цена на јајцата и маслото за јадење односно зголемување на директните трошоци за производство на истите. Покачувањето на цените во трговијата на мало го следи покачувањето на цените во трговијата на големо и нема промена на бруто профитната маржа.

Според податоците што ги пренесува Euronews, на годишно ниво најголем раст на потрошувачките цени на јајцата е регистриран во Шпанија со 31,3 отсто, а веднаш зад неа е Северна Македонија со 26,3 отсто пред Португалија, која бележи 20,9 отсто.

На ниво на Европската Унија цените на јајцата во 2025-та пораснале за 9,3 отсто, што покажува дека овој производ поскапува многу побрзо од просекот.

Александра Велинова