Туризам

Охрид полн со туристи за празничниот викенд

04.04.2026 15:31

Празничниот викенд го наполни Охрид со туристи од целиот свет. Градот е раздвижен уште од рано утрово, групи посетители од Европа, соседните земји и Азија. Се навестува плодна туристичка сезона...

Уште од раните утрински часови, градското пристаниште во Охрид раздвижено и полно со туристи. Низ кејот и старото градско јадро се среќаваат групи посетители од соседството, европските земји, но и од далечна Азија. Католичкиот Велигден е дополнителен мотив за патување.

Туристите од Малезија, Сингапур и Кина, кои се дел од организирани тури низ Балканот, велат иако се задржуваат кратко, Охрид оставил силен впечаток.

„Во Охрид сме само еден ден, на пат сме кон Тирана, Албанија. Ова е балканска тура – вчера бевме во Скопје, го посетивме стариот и новиот дел од градот и беше убаво искуство“, вели еден турист од Малезија.

„Македонија многу ни се допаѓа. Денес сме во Охрид и навистина сме воодушевени од езерото, многу е убаво“, додава друг.

Гостите од Азија пристигнуваат на скопскиот аеродром, а заминуваат од Загреб. Охрид е редовна станица. Интересот за регионот, според туристичките работници, е во постојан пораст, а со новите авиоврски се освојуваат нови пазари.

„Тргнуваме од Скопје, а турата ја завршуваме во Загреб. Посетуваме повеќе градови – Скопје, Охрид, Скадар, Тирана, Котор, Дубровник, Мостар, Сараево, Бихаќ. Станува збор за долга, седумдневна тура. Драго ни е што започнуваме токму во Македонија. Нашите гости особено уживаат во Охрид“, вели Амина Омеркиќ, туристички водич од Босна.

„Факт е дека туристите коишто доаѓаат од земјите на Бенелукс и некои други странски земји е во стагнација и пад, затоа од големо значење е воспоставувањето на овие две авиолинии кои ќе донесат нов свеж воздух односно нови свежи туристи“, вели Челик Асим, туристички работник.

Добрата посетеност и овој празничен викенд е потврда дека Охрид е неизбежна станица на туристичката мапа на Балканот и навестува плодна сезона.

Соња Рилковска