Охрид

По осум децении возобновена Лазаревата поворка во Охрид

04.04.2026 19:11

Во Охрид е возобновена традицијата на одбележување на Лазаревата сабота. Од градскиот плоштад до Црковниот храм „Пресвета Богородица – Каменско“, денеска беше организирана Лазарева поворка во која учество зедоа околу 200 дечиња со нивните родители. Тоа беше убаво изненадување и атракција за охриѓани и туристите.

Со организирање на Лазарева поворка охриѓани и се вратија на традицијата од пред осум децении, која згасна по Втората Светска Војна, а со која се одбележувало воскреснувањето на Лазар.

Лазаревата сабота е празник на љубов, радост и надеж, кога се потсетуваме на чудото коешто го направил Исус Христос.

„Со собрани гранчиња од врби и цветови ќе учествуваат околу 200 дечиња со движење низ чаршијата до црквата Успение на Пресвета Богородица, каде што ќе ги дочека свештеник кој ќе ги благослови и истите тие гранчиња врбови ќе бидат следниот ден на Цветници поделени со благослов на верниците“, изјави Летка Филипова – координатор на манифестацијата.

Дечињата беа пресреќни што зедоа учество на една ваква духовна традиција.

„Многу сум среќна, затоа што тоа е еден начин да се возобноват старите традиции. Исто така, да се поттикнат младите да учествуваат во вакви културни настани“, вели Ратка Попоска.

„Јас сум среќна и возбудена, бидејќи ова ќе ми биде прва година што ќе учествувам на оваа поворка и секако дека и следната година ќе дојдам“, рече Искра Лозаноска.

„Песната се вика „Кажи Лазар“. Јас денеска сум многу среќен и радосен што учествувам и би сакал да учествувам и другата година“, вели Михаил Танески.

Утре е празникот Цветници, ден кога Исус Христос влегол во Ерусалим, при што врбовите гранчиња се делеле на верниците, а со цвеќињата се украсувале црковните храмови и домовите.

Сашо Нелоски