Политика

Власта и опозицијата во судир за евроинтеграциите

04.04.2026 16:12

Лидерот на СДСМ, Филипче, го повика премиерот Мицкоски да каже која идентитетска одредница е загрозена со ставањето на Бугарите во Уставот. Одговорот кој го доби е – опозициската партија се однесува како општинска организација на бугарска партија и со својата реторика сака да им се допадне на бугарските политичари...

Премиерот да каже која идентитетска одредница е загрозена со ставањето на Бугарите во Уставот. Лидерот на СДСМ Филипче смета дека првиот човек во Владата треба да појасни и што е тоа што го направила опозицијата, а изгледа како предавство на македонските национални интереси. Од партијата на Бихаќка прашаа и зошто власта не ги поништи Преспанскиот и договорот за добрососедство со Бугарија, бидејќи од опозиција тврделе дека се штетни за државава.

Мицкоски, пак со став – опозициската СДСМ се однесува како општинска организација на бугарска партија и со својата реторика сака да им се допадне на бугарските политичари. Премиерот прогнозира дека по следните парламентарни избори, СДСМ ќе стане маргинална партија.

По однос на македонските евроинтеграции власта и опозицијата со години делат спротивставени мислења. СДСМ инсистира внесување на бугарското малцинство во Уставот како излез од евроинтегративниот ќорсокак, додека ВМРО-ДПМНЕ опстојува на ставот дека уставни измени нема да се случат без предвидливост, гаранции и реципроцитет во односите.

Анита Димитријевска – Велковска