Пионерскиот дом во Куманово руиниран и полн со смет
Некогашното културно катче за најмалите во Куманово руинирано и полно со смет. Установата којашто дневно згрижувала и по 1.000 дечиња на различни секции, е дел од сите изборни кампањи. Но решение сè уште нема...

Сите го сакаат, и во изборните кампањи ветуваат ќе го уредат. Но Центарот за детско творештво, познат како Пионерски дом во Куманово, сè уште е руиниран. Полн со смет, а во самиот центар на градот.
Установата некогаш ја посетувале 1.000 дечиња дневно, на секциите по фолклор, танц, новинарство и други дејности. Денес објектот нема никаква намена. Просторот има три ката, училници, сали за приредби, канцеларии. Граѓаните со години бараат да се уреди културното катче за најмалите.
„Деца доаѓаа, игроорни, се беше убаво, но на што личи сега“, истакна еден кумановец.
„Треба да се реши, постоело повеќе години, да постои и во иднина, да има каде дечињата да имаат радост, волја, желба да искажат се што знаат“, вели друга граѓанка.
„Тоа е ругло на град, срамота“, дополни трет.
Мал дел од објектот во 2018-та година беше пренаменет за детска градинка. Денес бројни институции се заинтересирани да им се отстапи. Но проблем останува статусот на објектот, кој е во владение на државата. Општината досега поднела шест иницијативи, но биле одбиени.
„Постои политичка волја во ова министерство овој објект да ни се отстапи, за да можеме првично да го исчистиме, потоа физички да го заштитиме. Да го оградиме, за да не влегуваат трети лица внатре, и дополнително да изработиме целосна техничка документација за реконструкција“, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Доколку се надмине проблемот со сопственоста на објектот, од општината ветуваат ќе се обезбедат средства за целосна санација.
Елена Георгиевска
