Клиника за Онкологија

Зголемен животниот век на пациентите со рак, благодарение на третманот со ефикасна терапија и зголемен буџет

04.04.2026 15:56

За онколошките пациенти во моментов недостига еден лек кој го примаат жени со дијагностициран рак на дојка. Од Фондот за здравствено осигурување уверуваат дека наскоро ќе биде повторно достапен. Надлежните велат дека се зголемува животниот век поради нови медикаменти и поголемо издвојување по пациент на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Прогресивно зголемување на бројот на онколошките пациенти. Лани биле регистрирани нови 1.001 пациентка со канцер на дојка, со рак на бели дробови 718, а од меланом 174. Но, добрата вест е што им се продолжува векот на онколошките пациенти и ракот станува хронична болест. Стереотакса е најновата метода која ќе се користи на Онкологија, овозможува прецизен третман и е значаен исчекор во онколошката терапија.

Се зголемува и буџетот за лекување на онколошките пациенти. За годинава се планирани 57 милиони евра. Минатата година беа вклучени шест нови лекови, а за годинава здравствените власти најавуваат уште два.

Индивидуалниот пристап при одредување кој пациент каква терапија ќе прима е минато, сега по ова прашање одлучува Комисија. Пациентите генерално се задоволни, бидејќи векот од пет им се зголемува на седум години, а очекуваат да продолжи до 10.

Амбулантата на Онкологија дневно ја посетуваат од 400 до 500 пациенти, а има седум сестри. Побарано е вработување на уште пет, а има 13 специјализанти.

Александра Велинова