Трамп со ултиматум, Иран за 48 часа да го ослободи Ормускиот теснец
Американските сили го пронајдоа и го спасија и вториот член на екипажот на авионот што беше соборен во петокот на иранска територија. Нападот го презеде иранската Исламска револуционерна гарда. Во меѓувреме, ескалација на реториката меѓу Техеран и Вашингтон, по ултиматумот на Трамп од 48 часа Иран да го ослободи Ормускиот теснец. Техеран се закани кон САД и Израел, најавувајќи жесток одговор доколку дојде до дополнителна ескалација.

Војската на САД успеа да го спаси и вториот член на екипажот на борбениот авион кој беше соборен над територијата на Иран. Шефот на Белата Куќа потенцира дека никогаш нема да остават ниту еден свој пилот зад непријателските линии. Операцијата за спасување доведе до судир меѓу американските и иранските сили. Техеран ги негира наводите на Вашингтон и тврди дека уништиле неколку американски авиони опремени со најсовремено оружје, а Трамп се обидува да го прикрие неуспехот.
„По моја наредба, војската на САД испрати десетици авиони, вооружени со најсмртоносното оружје во светот, за да го извлечат. Тој претрпе повреди, но ќе биде добро. Оваа чудесна операција за пребарување и спасување доаѓа покрај успешното спасување на уште еден храбар пилот, вчера. Фактот дека успеавме да ги извршиме обете операции, без ниту еден убиен, па дури ни ранет Американец, само уште еднаш докажува дека постигнавме огромна воздушна доминација и супериорност над иранското небо“, објави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Иран упати нови закани кон САД и Израел, најавувајќи жесток одговор доколку дојде до дополнителна ескалација. Техеран го отфрли новиот ултиматум на американскиот претседател за деблокада на Ормускиот теснец во рок од 48 часа. Во исто време Ирак доби ослободување од ограничувањата во протокот, за кои рече дека важат само за непријателски земји.
„Денешните случувања, заедно со поддршката што ја дадовте, можат да создадат историска можност за Ирак да го прекине наметнатото присуство на Америка на своја територија, да воспостави трајна безбедност и да го прекине грабежот на богатството на Ирак од страна на САД“, изјави потполковник Ебрахим Золфагари, портпарол на Централниот штаб на иранската војска.
Воените дејствија продолжуваат на Блискиот Исток. Кувајт и Обединетите Арапски Емирати повторно нападнати – на удар владини, хемиски и енергетски објекти. Израелскиот премиер потврди дека извршиле воздушен напад врз иранските петрохемиски фабрики.
„Ви ветив дека ќе продолжиме да го уништуваме терористичкиот режим на Техеран и токму тоа го правиме. Откако уништивме 70 проценти од производствениот капацитет на челик, кој го користеа како материјал за нивното оружје против нас – ги нападнавме и нивните петрохемиски фабрики“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Израелската полиција насилно ја растера толпата во Тел Авив која протестираше против војната во Иран. Околу илјада демонстранти се собраа на плоштадот Хабима, а уште неколку стотици во други градови како Хаифа и Ерусалим. Израелските одбранбени сили и израелската полиција дозволија антивоени демонстранти да излезат на протест но со строги ограничувања и максимум 150 учесници поради безбедносни причини.
Маријана Димовска
