Честитки од државниот врв до католичките верници по повод Велигден
Христијанските верници што се водат според Грегоријанскиот календар денеска го слават христовото воскресение. Државниот врв упати честитки...

Христијанските верници што се водат според Грегоријанскиот календар денеска го слават христовото воскресение. Државниот врв упати честитки.
„Исус Христос нè научи дека без емпатија, солидарност и толеранција, и без разбирање на другиот и поинаквиот, нема соживот. Очекувам Велигден да го разбуди божјото во сите нас, да нè потсети дека животот е посилен од смртта, а светлината од темнината, и да ни помогне да исчекориме напред, по божјиот пат“, пишува претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во честитката.
Претседателот на собранието, Африм Гаши во честитката до католичките верници упати повик, велигденските празници да бидат поттик за зацврстување на довербата, разбирањето и заедништвото.
„Овој празник носи пораки на надеж, љубов, мир и духовна обнова. Во денови кога се потсетуваме на значењето на меѓусебното почитување, солидарноста и добрината, упатувам искрени желби празничните денови да бидат исполнети со здравје, спокој, радост и благосостојба“, вели Гаши.
На времињата на предизвици, во честитката до верниците од католичка вероисповед се осврнува и премиерот Мицкоски.
„Само преку толеранција, заедништво, сплотеност, хуманост и преку заемна почит можеме максимално да придонесеме за подобра и поправедна држава и за просперитетна татковина, во која секој граѓанин ќе има можност за достоинствен живот, сигурна иднина и економски напредок“, стои во честитката на премиерот Мицкоски.
