Oд 1-ви септември ќе биде пуштена во сообраќај првата линија на „Градски воз“
Вицепремиерот и министер за транспорт, Николоски, заедно со градоначалникот на Скопје, Ѓорѓиевски и со директорот на МЖ Инфраструктура, Ивановски, во увид на реализацијата на проектот „Градски воз“. Предвидени се три фази на делницата од Зелениково до Волково…

Градскиот воз од Зелениково преку Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром до Железничката станица во Скопје ќе стартува од 1-ви септември, со брзини на некои делници од 80 до 90 километри на час, а релацијата според возниот ред ќе ја минува за 25 минути.
За другите две делници ќе биде распишан заеднички тендер, со што, како што појаснува вицепремиерот и министер за транспорт Николоски, ќе се скрати рокот на комплетно завршување на проектот „Градски воз“ за најмалку една година, односно, трите линии ќе бидат функционални на крајот на 2027-ма година.
Градоначалникот на Скопје, Ѓорѓиевски, вели дека паралелно тече и постапката за набавка на 100 нови автобуси за главниот град, а како дополнително унапредување го посочи и најавениот БРТ систем, за кој наскоро најави повеќе детали.
Од „Македонски железници – Инфраструктура“ информираа дека на терен се работи на замена на дрвените прагови на пругата со бетонски, а ќе се врши и реконструкција на постојните патни премини на трасата.
Проектот носи директни придобивки за секој граѓанин – побрзо движење, намален сообраќаен метеж и значително почист воздух, велат градските власти. Според нив, намалувањето на емисијата на штетни гасови ќе има позитивно влијание врз животната средина, но и врз здравјето.
Со подобрување на техничките карактеристики на пругата, се зголемува безбедноста во сообраќајот, се враќа проектираната брзина и се обезбедува стабилност на колосечната конструкција, дури и при зголемено оптоварување.
Игор Панов
