Безбедност во сообраќајот

Полицајците макети даваат резултати- возачите ја одлепуваат ногата од педалата за гас!

16.09.2014 16:46

Честопати луѓето се лажат со мислата дека ако возат брзо, ќе стигнат порано. Казната за брзо возење од 20 до 300 евра, може да ја платат, но дали се спремни да ја платат цената на животот. Затоа кампањата „Почитувај ги правилата ,почитувај го животот“ има за цел да влијае врз свеста на граѓаните...

Утрински работен состанок, распределување задачи, па на терен... Ова е секојдневието на сообраќајната полиција која постојано е на терен и се обидува да спречи несреќи. Најновата мерка е поставување макети како предупредување. На друга улица се мери брзината.

Некои возачи добија флаери за сообраќајните правила и прописи, други заработија казни.

„Доцнев малку, не е многу голема брзината од дозволеното, меѓутоа се случува некогаш... Брзав за на работа“, ова се најчестите изговори на оние што возат непрописно.

Во Скопје, најкритични се Булеварите Александар Македонски, Партизански одреди, Борис Трајковски и Никола Карев.

„Во стартот на проектот „Брзина –дали си спремен да ја платиш цената“ најголем дел од акцентот во контролата ќе биде ставен токму на овие сообраќајници каде ќе се врши засилена контрола на брзината на движење на возилата и истовремено ќе се поставуваат и макети на полициски службеници со полициско возило како мери брзина со цел да делува превентивно... Да создадеме амбиент дека се зачестени сообраќајните контроли“, вели Боби Ѓеоргиев, инспектор за превенција по сообраќајни работи.

Во главниот град во првите седум месеци во 146 случаи причина за сообраќајките било брзото возење. Изречени се 2.300 глоби.

Честопати луѓето се лажат со мислата дека ако возат брзо, ќе стигнат порано. Казната за брзо возење од 20 до 300 евра, може да ја платат, но дали се спремни да ја платат цената на животот. Затоа кампањата „Почитувај ги правилата ,почитувај го животот“ има за цел да влијае врз свеста на граѓаните.

Наташа Гркова Петрушевска