Земјоделците сакаат да ги осигураат посевите

16.09.2014 17:01

Индексното осигурување на остварени приноси од посеви треба да им помогне на земјоделците да го заштитат родот. Надоместот на евентуалните загуби, ќе се исплаќа веднаш, по настантата штета што ќе им помогне во санирањето на последиците.

Штети во овоштарството, лозарството но и во градинарството ги натераа земјоделците да ги менуваат навиките и да размислуваат за осигурување на производството. Лошите временски услови и штети на родот некаде донесоа преполовен принос.

Овој 70 годишен земјоделец од селото Ржаничино, сведочи како градот лани му ги уништил дрвцата во овоштарникот, а годинава врнежите донеле болести на родот. Загубите се големи, но вели, ќе било поинаку ако го осигурал производството.

„Кога би се осигурале би било исплатливо, бидејќи слушам на телевизија 60 посто дава државата“, вели Трајче Тодоровски од село Ржаничино.

Оваа жена ја затекнавме како ја спасува зелката. Како да не беше доволна пламеницата па сега и полжавот го доуништува она што е останато.

„Сега се скапува, пиперот е болен. Се е од дождот, штом заврни после одна грее сонце“, вели Блага Спасеска од село Петровец.

Среќна е што навреме успеа да ги собере тиквите.

Вчера ресорното министерство промовираше за земјоделците поволно осигурување на нивите. Индексното осигурување на остварени приноси од посеви треба да им помогне да го заштитат родот. Надоместот на евентуалните загуби, ќе се исплаќа веднаш, по настантата штета што ќе им помогне во санирањето на последиците.

Иако државата покрива 60 проценти од осигурувањето доесга само 2.500 земјоделци ги осигурале своите посеви.

Дијана Ценевска