Јавна расправа по Предлог-законот за Советот на јавните обвинители
Јавна расправа по Предлог-законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија ќе се одржи денеска во Парламентот, во организација на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, која на седница на 27 март го усвои предлогот во прво читање...

Јавна расправа по предлог-законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија ќе се одржи денеска во Парламентот, во организација на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, која на седница на 27 март го усвои предлогот во прво читање. Законот го предлага Министерството за правда, а Владата на седница во февруари го утврди предложениот текст на законот, со кој треба да се зајакне независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.
Клучни измени во предлог-законот, како што посочи Министерство за правда, се: детално уредена постапка за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четиричлена на Советот; засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието.
Исто така, со законот треба да се овозможи зајакната транспарентност на работата на Советот, преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на лични податоци, угледот на странките и други легитимни интереси; воведување прецизни и јасни критериуми за избор на членови на Советот, со кои се гарантира стручност, искуство и интегритет, по пример на новиот Закон за Судскиот совет и детално уредена постапка за разрешување на член на Советот, со прецизирани рокови и јасни критериуми.
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците го разгледа и прифати во прво читање предлог-законот за Советот на јавните обвинители на седница на 27 март, кога министерот за правда Игор Филков истакна дека тој претставува „еден од клучните столбови во реформата на правосудниот систем и зајакнувањето на владеењето на правото“, напомнувајќи дека законот добил позитивно мислење и од Венециската комисија со неколку препораки, кои се вградени во предлогот.
