Блиски Исток

Вашингтон и Техеран со условувања за ослободување на Ормускиот теснец

06.04.2026 12:42

Дали на повидок е нова ескалација на односите меѓу САД и Иран? Вашингтон и Техеран со меѓусебни ултиматуми за ослободување на Ормускиот теснец. Трамп со рок до утре до 20 часот, во спротивно се закани со напади врз иранските електрани. Техеран тврди дека има целосна контрола врз целиот премин. Планира да воведе систем на бродарина за транзит низ него.

Продолжува заканувачката реторика на релација Вашингтон – Техеран. Американскиот претседател предупреди дека вторник, 20 часот по источноевропско време ќе биде ден за напади на електраните и на мостовите во Иран доколку Ормускиот теснец не биде отворен. Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Фокс њуз истакнал дека ако не склучат договор брзо, размислува да уништи се и да ја преземе нафтата во Иран. Меѓу другото, потврдил и дека САД претходно годинава испратиле оружје до иранските демонстранти преку курдските сили, иако верува дека тие го задржале оружјето за себе.

„Го прашав претседателот за можноста за договор со Иранците. Тој вели дека на оние што преговараат во име на Иран им е дадена амнестија во овој момент, така што можат да ги продолжат разговорите. А претседателот ми вели дека мисли дека ќе може да постигне договор до утре. Тој вели: „Мислам дека има добри шанси утре. Тие сега преговараат“, изјави Треј Јингст -новинар од Фокс њуз.

Иран возврати дека ќе следува одмазда доколку Трамп ги оствари заканите. Иранските власти децидни, клучната бродска линија е отворена за сите освен за непријателите. Медиумите во Исламската република објавија дека 15 бродови поминале низ Ормускиот теснец за 24 часа.

„Иранското општество генерално не обрнува внимание на неговите изјави, бидејќи постојано се менуваат со контрадикторни позиции. Се чини дека Трамп стана феномен што ниту Иранците ниту Американците не се во можност целосно да го анализираат. Во однос на теснецот, тој е отворен за светот, но затворен за непријателите на Иран“, изјави Сајед Реза Салихи-Амири – министер за култура и туризам на Иран.

Откако израелски одбранбени сили соопштија дека распоредиле резервна оклопна бригада во јужен Либан и ги прошируваат операциите против Хезболах, либанскиот претседател повика на преговори за прекин на војната и предупреди дека Либан може да се претвори во Газа.

„Вистина е дека Израел сака да го направи во Либан она што го направи во Газа. Наша должност е да не дозволиме да се случи тоа што се случи во Газа. Кога рековме дека сакаме да преговараме, некои рекоа, која е поентата на дипломатијата? Би сакал да им прашам, која е поентата на војната? Сега имаме 1.400 маченици, 4.000 ранети, илјадници уништени домови, 1.200.000 раселени“, изјави Џозеф Аун – претседател на Либан.

Кина соопшти дека е подготвена да ја продолжи координацијата со Русија во Советот за безбедност на ООН со цел да се намалат тензиите на Блискиот Исток, при што како клучен чекор се посочува итен прекин на огнот. Пораката била пренесена во разговор меѓу кинескиот и рускиот министер за надворешни работи Ванг Ји и Сергеј Лавров.

 

Маријана Димовска