Велигден

Почнува Страдалната – Страсната – Велика седмица

06.04.2026 10:21

Страдалната седмица ја претставува последната седмица од Христовиот живот на земјава. Таа е недела на страданијата Господови. Сè е во спомен на последните денови од земниот живот на Спасителот...

Последната седмица пред Велигден (Пасха) е Страдална или Страстна седмица, Седмица на маките (страст е црковно-словенски збор и значи: мака, страдание).

Страдалната седмица ја претставува последната седмица од Христовиот живот на земјава. Таа е недела на страданијата Господови. Сè е во спомен на последните денови од земниот живот на Спасителот наш Господ Исус Христос: Неговите страдања, смртта и погребението. Оваа седмица се нарекува и Велика седмица, поради големината на настаните што се случиле во неа.

Преку богослужбите, обредите и обичаите, во душите на верниците, се пренесуваат настаните кои се случиле во последните денови од земниот живот на Христа Спасителот. Со љубов и со побожност се следи секој евангелски збор и, чекор по чекор, преку верата и духовното расположение, сè нè внесува во спасоносните настани.

Оваа седмица се особено долги богослуженијата и голема е нивната важност, како и на настаните од тие дни. Тие ни ги насочуваат нашето внимание и нашите мисли кон сите евангелски глетки од пожртвованоста Христова за човечкиот род.

Оваа седмица не се прават панихиди, помени и акатисти, заради посветеноста на целото внимание и молитва кон големите настани. Во овие денови на Страдалната седмица, на трпезата, за храна се употребуваат само суви јадења. Постот трае сè до полноќта на Велика Сабота, односно до завршувањето на велигденската света Литургија.