Тече рокот за повторно отворање на Ормускиот теснец
Тече рокот за повторно отворање на Ормускиот теснец или во спротивно, Трамп се закани дека вторник ќе биде ден за напади на електрани и мостови во Иран. Од Техеран со став, Ормускиот теснец е отворен за сите, освен за непријателите и во изминатите 24 часа поминале 15 бродови. Иранската револуционерна гарда објави дека шефот на разузнавањето Маџид Хадеми е убиен во напад од САД и Израел.

Продолжува заканувачката реторика на релација Вашингтон – Техеран. Американскиот претседател предупреди дека вторник, 20 часот по источноевропско време ќе биде ден за напади на електраните и на мостовите во Иран доколку Ормускиот теснец не биде отворен. Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Фокс њуз истакнал дека ако не склучат договор брзо, размислува да уништи се и да ја преземе нафтата во Иран.
„Го прашав претседателот за можноста за договор со Иранците. Тој вели дека на оние што преговараат во име на Иран им е дадена амнестија во овој момент, така што можат да ги продолжат разговорите. А претседателот ми вели дека мисли дека ќе може да постигне договор до утре. Тој вели: „Мислам дека има добри шанси утре. Тие сега преговараат“, рече Треј Јингст, новинар од Фокс њуз.
Иран возврати дека ќе следува одмазда доколку Трамп ги оствари заканите. Иранските власти децидни, клучната бродска линија е отворена за сите освен за непријателите. Медиумите во Исламската република објавија дека 15 бродови поминале низ Ормускиот теснец за 24 часа.
„Доколку нападите врз цивилни цели се повторат, следните фази од нашите офанзивни и одмазднички операции ќе бидат извршени многу посилно и во поширок обем, а нивните загуби и штети, доколку продолжат со овој пристап, ќе бидат повеќекратни“, изјави Ебрахим Золфагари, портпарол на Централниот штаб на Хатам ал-Анбија.
Израел објави, Иран потврди дека е ликвидиран шефот на разузнавањето на Иранската револуционерна гарда, генерал-мајор Маџид Хадеми.
„Револуционерната гарда пука врз цивили и ги елиминираме водачите на терористите. Иранските водачи живеат со чувство дека се цел. Ќе продолжиме да ги ловиме еден по еден“, рече Израел Кац, министер за одбрана на Израел.
Либанскиот претседател повика на преговори за прекин на војната меѓу Израел и Хезболах и предупреди дека Либан може да се претвори во Газа.
„Вистина е дека Израел сака да го направи во Либан она што го направи во Газа. Наша должност е да не дозволиме да се случи тоа што се случи во Газа“, изјави Џозеф Аун, претседател на Либан.
Кина соопшти дека е подготвена да ја продолжи координацијата со Русија во Советот за безбедност на ООН со цел да се намалат тензиите на Блискиот Исток, при што како клучен чекор се посочува итен прекин на огнот.
Маријана Димовска
