Горива

Намалена акцизата за дизелот и бензините, нови цени на горивата од полноќ

06.04.2026 13:11

Премиерот Мицкоски очекува намалување на цената на бензините, по одлуката за намалување на акцизите. Регулаторната комисија за енергетика ги утврди новите највисоки малопродажни цени на горивата кои ќе важат од полноќ.

Според одлуката донесена на вонредна седница на Владата, акцизата за дизелот се намалува за четири денари, а за бензините за два денара по литар. Истовремено, уште две недели продолжена мерката за намален ДДВ за горивата на 10 проценти.

Во меѓувреме, Регулаторната комисија за енергетика ги утврди новите највисоки малопродажни цени на горивата кои ќе важат од полноќ.

Според одлуката, цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 83,50 денари за литар, што претставува намалување од 0,50 денари. Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 останува непроменет и ќе се продава за 85,50 денари за литар. Од друга страна, дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) поскапува за 2,50 денари и ќе чини 98,00 денари за литар. Зголемување има и кај екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), кое поскапува за 3,00 денари и ќе се продава по 95,50 денари за литар. Цената на мазутот М-1 НС исто така бележи раст и ќе изнесува 51,311 денари за килограм.

Од Регулаторната комисија информираат дека во просек цените на нафтените деривати се зголемуваат за 1,41 отсто. Главна причина за растот се повисоките референтни цени на светските пазари, особено кај дизелот и екстра лесното масло, како и благото зголемување на курсот на доларот. Во исто време, дел од растот е ублажен со владините мерки. Трговците, како што се наведува во одлуката, и понатаму можат да ги формираат цените и пониско од утврдените максимуми.

Известува Борис Грујоски