Случај „Пулс“

Ново рочиште за кочанската трагедија

06.04.2026 16:44

Во судницата во „Идризово“, ново судење за случајот „Пулс“. Беше сослушан сведок на Обвинителството. Станува збор за Карадакоски Наско, татко на починатиот Александар кој своевремено бил управител на фирмата на Дејан Јованов.

Судот сослуша еден сведок, па го прекина рочиштето за случајот „Пулс“, откако сведок кој требаше да даде исказ не дојде во судницата. Проблемот настана откако обвинителството на минатото рочиште се откажа од дел од сведоците, но одбраната инсистираше сепак да бидат сослушани. Ако не се појави на главната расправа следниот пат, судот може да нареди стражарно спроведување.

Сепак, исказ даде Наско Карадакоски, татко на починатиот Александар кој во обвинението се спомнува како сопственик и управител на фирмите на обвинетиот газда Дејан Јованов. Сведокот рече дека неговиот син работел во кафулето „Класик“, но не и во „Пулс“, немал здравствено осигурување, а бил и управител на фирмата иако немал увид во сметководствената документација, поради што сакал да си замине.

„Му реков на син ми да консултира адвокат, законски да заврши сам без да има потреба да се моли со Деко или со Михајло. Ми рече дека по нова година адвокатот ќе се обиде да му го раскине управителството. Стана многу нервозен тој период, јас му вршев голем притисок, и знаеше дека може да има големи последици, обврски, даночни давачки и го фаќаше паника“, изјави Наско Карадакоски – сведок.

Сведокот кажа и дека неговиот син знаел за реновирањето на дискотеката, бидејќи лично физички помагал да се завршат градежните активности.

 

Анита Димитријевска – Велковска