Царинска управа

Спречен шверц на лекови, импланти, храна и злато, поднесени кривични пријави против четири лица

06.04.2026 15:12

Над 16 илјади парчиња лекови, забни импланти, опрема за тетовирање, 12,5 тони овошје и зеленчук и златен накит се запленети во повеќе одделни акции на Царинската управа. Против четири лица се поднесени кривични пријави за криумчарење.

Царинската управа спречи повеќе обиди за криумчарење на различни видови стока, при што се запленети над 16.000 парчиња лекови, 116 забни импланти, опрема за тетовирање, над 12 тони овошје и зеленчук, како и златен накит. Во три случаи се поднесени кривични пријави против вкупно четири лица за кривично дело „криумчарење“.

Најголемиот случај е откриен при контрола на автобус кој сообраќал на релација Турција – Косово. Мобилен царински тим пронашол вкупно 16.051 парчиња непријавени лекови со вредност од околу 1,6 милиони денари. Дел од лековите биле скриени во најлонска кеса зад седиштата, а останатите во фабричките шуплини на вентилацијата. Станува збор за терапија за дијабет, хормонска терапија и средства за магнетна резонанца. Против две лица е поднесена кривична пријава, а лековите се трајно одземени.

На Меѓународниот Аеродром Скопје, царинските службеници спречиле турски државјанин да внесе 116 забни импланти без соодветни дозволи, со вредност од околу еден милион денари. И во овој случај е поднесена кривична пријава.

Во друг случај на аеродромот е откриена и непријавена стока – 1.463 парчиња пирсинг од титаниум, како и опрема за тетовирање. Станува збор за шпански државјанин против кого е поведена прекршочна постапка, а стоката е запленета.

Царинските службеници на граничниот премин Богородица спречиле и обид за шверц на 12,5 тони овошје и зеленчук со вредност од 1,4 милиони денари. Непријавената стока – ананас, авокадо, лута пиперка, брокула, јагоди, киви и печурки – не била наведена во царинската декларација. Против осомничениот е поднесена кривична пријава.

Дополнително, на истиот премин е спречен и обид за криумчарење на златен накит вреден над 580 илјади денари, при што сторителот се обидел да избегне плаќање давачки од над 200 илјади денари. И во овој случај е поднесена кривична пријава.

Од Царинската управа информираат дека контролите продолжуваат со засилен интензитет со цел спречување на нелегалната трговија и заштита на економските интереси на државата.