Административците и пензионерите задоволни од покачувањето на платите и пензиите
Октомвриската плата ќе биде повисока за 4%. Вработените велат дека ќе се подобри семејниот буџет, ќе се амортизира дел од поскапувањата, но ќе биде и добар мотив за поголемо ангажирање на работните места...

Административците и пензионерите се задоволни. По пет години државната и јавната административција ќе добие покачување на платите. Глобалната рецесија и европската должничка криза предизвикаа пролонгирање на ветеното зголемување на платите, кое се реализира сега. Октомвриската плата ќе биде повисока за 4% . Вработените велат дека ќе се подобри семејниот буџет, ќе се амортизира дел од поскапувањата, но ќе биде и добар мотив за поголемо ангажирање на работните места.
„Ја поздравувам ваквата одлука, сметам дека е позитивна затоа што секое покачување е добредојдено за сите нас. Сето тоа воедно ќе допринесе и кон подобрување на животниот стандард.“
„Моето размислување е дека ова е голем мотив за вработените во администрацијата за поефикасно и успешно вршење на работните обврски и задачи.“
„Многу би значело за секој вработен кога би имало вака и почести зголемувања, затоа што на денешната скапотија зголемувањето на трошоците на живот бара и малку поголема плата за да може да биде секој задоволен“, велат анкетираните административци.
Повисоки месечни примања ќе имаат и повеќе од 290 илјади пензионери. Покрај зголемувањето на бројот на денови со бесплатно возење во градскиот сообраќај, користењето на железницата и бесплатната бањска рекреација најстарата популација добива и повисоки пензии, кои ќе бидат исплаќани со септемвриската, во октомври.
„Што е најважно, од 2006 година досега, просечната пензија од 7.650 денари е зголемена на 12.455 денари, тоа е некаде 62 посто зголемување на пензиите. Ова исто така ќе допрнесе и понатаму да се зголемуваат пензиите во Република Македонија“, рече Драги Аргировски, претседател на Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија.
ССМ смета дека буџетот за 2015, кој предвидува зголемување на платите, пензиите и социјалните трансфери е развоен и ќе им овозможи на граѓаните полесно да ги надминат последиците од кризата.
,,За синдикатите, ова зголемување е важно затоа што е вклучено и во колективните договори, што значи дека со тоа доаѓа до зголемување и на висината на коефициентите. Со ваквата реализација на буџетот, се исполнуваат барањата на синдикатот за зголемување на платите. Ова е потврда дека социјалниот дијалог во државата функционира и се исполнува договореното“, вели претседателот на ССМ, Живко Митревски.
Покачувањето на платите ќе обезбеди и зголемување на општата потрошувачка а со тоа развој и општ просперитет на целата држава. Зголемувањето на платите обезбедува и позитивно соочување со последиците од глобалната криза кои се уште се присутни и влијаат на македонската економија, смета ССМ.
Свето Николовски
