МВР

Приведени 12 возачи за безобѕирно возење, седуммина без возачка дозвола

06.04.2026 14:06

Во засилени контроли низ државата, полицијата лиши од слобода 12 возачи за безобѕирно управување со возило. Дел од нив возеле без дозвола, под дејство на алкохол или со пречекорена брзина.

Во текот на изминатото деноноќие, полициските службеници низ државата лишиле од слобода 12 возачи поради безобѕирно управување со моторни возила.

Од нив, седуммина управувале возило без возачка дозвола – двајца во Скопје и по еден во Кичево, Росоман, на граничниот премин Табановце, во Чашка и Ранковце. Дополнително, возачот во Ранковце бил санкциониран и за возење со брзина поголема од дозволената.

Полицијата регистрирала и повеќе случаи на пречекорување на максимално дозволената брзина во тетовско, кумановско и во Свети Николе. Во скопскиот регион, пак, бил санкциониран возач кој управувал возило со истечена сообраќајна дозвола.

Еден возач во Прилеп бил лишен од слобода поради управување на возило под дејство на алкохол.

По целосно документирање на случаите, против сите сторители ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила, да не управуваат возила без возачка дозвола и да не седнуваат зад волан под дејство на алкохол, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.