Од ноќеска на полноќ дел од горивата ќе се продаваат по нови цени
Од полноќ дизелот поскапува за два и пол денари, еуросупер бс-95 поевтинува за половина денар, 98-цата со иста цена. Од Регулаторна објаснуваат во формирањето на новите цени влијание имале одлуките на владата за намалување на акцизите и за повластената даночна стапка за одредени енергенти. Снабдувањето со гориво е стабилно иако потрошувачката е зголемена вели премиерот Мицкоски.

Регулаторната комисија донесе одлука за промена на цените на нафтените деривати. Цената на бензинот еуросупер БС-95 се намалува за 0,50 денари за литар и од полноќ ќе изнесува 83,50 денари. Цената на бензинот еуросупер БС-98, не се менува, останува на исто ниво од 85,50 денари за литар, додека цената на еуродизелот (Д-Е V), се зголемува за 2,50 денари за литар и ќе изнесува 98 денари.
Регулаторот ги повика нафтените компании да го вкалкулираат попустот од Владата со главниот добавувач, за граѓаните да го почувствуваат ефектот од поевтинување од 3 ден/литар за дизел и 2 ден/литар за бензин.
Премиерот рече дека состојбата со резервите на гориво е стабилна и нема простор за паника.
Владата ја намали акцизата на горивата за стабилизирање на цените. Останува и повластената стапка на ДДВ од 10% за горивата со важност во наредните две недели.
Оваа одлука доаѓа во период на зголемена нестабилност на енергетските пазари, кога цените на нафтата и дериватите се под притисок на глобалните случувања.
Според Владата, засега нема да се ограничи точењето на горива за странци, иако според премиерот, притисокот на пограничните места бил поголем. Во меѓувреме, нафтата надмина 109 долари за барел, а дел од европските берзи претежно се затворени.
Борис Грујоски
