Осуммина приведени за семејно насилство за едно деноноќие, пријавени 14 случаи низ државата
Осум лица се лишени од слобода поради семејно насилство во изминатите 24 часа, додека полицијата евидентирала вкупно 14 случаи. Дел од насилниците упатувале закани, а имало и физички напади врз членови на семејството.
Во текот на изминатото деноноќие, полициските службеници низ државата лишиле од слобода осум лица поради семејно насилство, додека вкупно биле пријавени 14 случаи.
Во Тетово, 47-годишен маж бил приведен по пријава од неговиот 76-годишен татко дека подолг период тој и сопругата биле жртви на закани и агресивно однесување. При приведувањето, кај него биле измерени 2,14 промили алкохол во крвта.
Во гостиварско село, 27-годишник бил лишен од слобода откако неговата поранешна партнерка пријавила дека ѝ се заканувал пред домот на нејзините родители.
Полицијата интервенирала и во неколку други случаи во тетовско, каде биле пријавени физички напади меѓу членови на семејство, вклучително и напад од брат врз брат и напад врз сестра, при што едно лице било приведено, а кај него била пронајдена и марихуана.
Во општина Брвеница, 49-годишен маж бил приведен поради закани кон сопругата со која е во бракоразводна постапка.
Случаи на семејно насилство се пријавени и во Прилеп, каде сопруг нападнал сопруга, како и татко кој физички го нападнал својот син.
Во Кавадарци, 36-годишен маж бил лишен од слобода поради физички напад и закани кон поранешната сопруга, додека во Велес бил приведен 65-годишник кој агресивно се однесувал кон својата сопруга и оштетил предмети на Градскиот пазар.
Пријави за насилство се евидентирани и во Радовиш и Виница, каде жртви пријавиле физички напади од поранешен сопруг, односно од членови на потесното семејство.
Во Скопје, на подрачјето на Шуто Оризари, приведен е 35-годишен маж поради физички напад врз неговата партнерка, додека во Центар е пријавен случај на сопружничко насилство со оштетување на инвентарот.
Дополнително, на автопатот Градско–Велес, приведен е 48-годишник кој во своето возило физички ја нападнал својата партнерка.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави, а надлежните апелираат за пријавување на семејното насилство и почитување на законите.
