Здравство

Реновирани шест операциони сали во хируршките клиники

06.04.2026 17:26

На хируршките клиники пуштени во употреба реконструираните шест операциони сали, ќе се обноват уште четири. Инвестициите се во интерес и на вработените и на пациентите, велат здравствените власти…

По две нови реконструирани и реновирани сали добија Одделот за ортопедија, Клиниката за детска хирургија и Клиниката за урологија. Во проектот е влезена и нова хируршка сала во Ургентниот центар која треба да помогне да се зголеми бројот на еднодневни операции. Пациентите коишто досега се шетани низ државата, сега ќе бидат хируршки третирани, станува збор за пациенти што имаат инфекции и на кои треба да им се извршат ампутации на екстремитетите. Новите сали ќе помогнат пациентите да не чекаат за интервенција.

Салите се мобилни, а во нив ќе може да се вгради и телемедицина, односно студентите ќе можат од амфитеатрите да ги следат операциите, но ќе помогнат и во лекување на пациентите.

За неколку месеци на хируршките клиники ќе бидат пуштени во употреба уште четири сали. Во тек е модернизација и на операционите сали во Градската општа болница „8-ми Септември“, со што би требало да се намалат и листите на чекање за операција.

Наташа Јанчиќ – Менковски