Собрание

Гаши денеска ќе оствари средба со досегашните претседатели на законодавниот дом

07.04.2026 09:14

Неговата идеја за ваква средба била за да се искаже почит кон нив, но и тие да ги пренесат своите искуства...

Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска ќе оствари средба со досегашните претседатели на законодавниот дом.

Како што информира вчера, неговата идеја за ваква средба била за да се искаже почит кон нив, но и тие да ги пренесат своите искуства.

„Веќе имавме една средба, помеѓу првиот и вториот изборен круг. Идејата беше моја, да најдеме начин како да го искористиме искуството на поранешните претседатели на Собранието. Мислам дека тоа е бесценето искуство, кое за секој актуелен претседател на Собранието би било добро да го искористи. Како идеја ја искажав на тој состанок и видов дека сите поранешни претседатели беа согласни. На првата средба не дојдоа само Талат Џафери и Јован Митрески. Присуствуваа четворица поранешни претседатели. Не е нешто задолжително. Тоа е по нивна волја. Сите се поканети на средба, а утре ќе видиме кој ќе дојде. Ќе разговараме како тоа би го формализирале, да биде советодавно тело“– рече Гаши.

Гаши истакна дека слабо се користат искуствата на поранешните функционери, без разлика дали се претседатели на државата, премиери или пратеници. Неговата намера е овие средби да станат редовна пракса најмалку трипати во годината, но по потреба да може да се одржуваат и ад хок.