Ултиматум до Иран, закани за масовни напади ако Ормускиот теснец не се отвори
Тече рокот за крај на војната на Блискиот Исток или во спротивно, Трамп се закани дека вечерва ќе биде ден за напади на електрани и мостови во Иран. Иранските власти го одбија понуденото од Трамп и ги повикаа младите со жив штит да ги бранат енергетските објекти. Израел со порака до иранските граѓани да не ги користат возовите.

Шефот на Белата Куќа се закани дека ќе го уништи Иран за една ноќ ако не успее повторно да го отвори Ормускиот теснец. САД имаат план да ги нападнат сите мостови и електрани вечер ако нема договор, рокот за траен крај на војната истекува во 20 часот. Трамп вели дека Иран направил значаен чекор во преговорите пред истекот на ултиматумот, но предупреди дека тоа не е доволно добро. Во меѓувреме, израелската армија упати порака до иранските граѓани да не ги користат возовите до 21 часот.
„Имаме промена на режимот, но не го направивме ова за промена на режимот. Некои велат тој нема план. Јас го имам најдобриот план од сите. Но, нема да ви кажам каков е. Тие сакаат да кажам, еве го мојот план, ќе нападнеме во 9:47 наутро, а потоа ќе го направиме ова или она. Овие луѓе овде знаат каков е планот. Не ми пречи да бидам навредуван. Многу години ме навредуваат лажните вести“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Властите во Техеран тврдат дека формално го отфрлиле предлогот на САД за прекин на огнот и повикуваат на дефинитивен крај на војната со свои барања. Ирански функционер ги повикува младите од Исламската Република да формираат човечки синџири околу електраните во земјата.
„Ги поканувам сите наши млади, спортисти, уметници, студенти, универзитетски студенти и професори. Утре, вторник во 14 часот околу електраните без разлика на вашата политичка гледна точка. Соберете се да му кажете на светот дека нападот врз јавната инфраструктура е воено злосторство“, рече Алиреза Рахими, врховен совет на млади и адолесценти.
Меѓународната заедница изразува загриженост за есклацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Обединетите нации предупредуваат за нападите врз болниците и цивилната инфраструктура откако војната меѓу Израел и милитантната група Хезболах повторно се разгоре на втори март.
„Остануваме длабоко загрижени од тековната ескалација меѓу Хезболах и Израел, вклучително и израелските напади во Бејрут. Мировниците на УНИФИЛ известуваат дека во нивната област на дејствување има континуирана размена на ракетен и артилериски оган, воздушни напади и судири на терен, заедно со зголемено присуство на израелски сили на либанска територија“, нагласи Стефан Дујарик, портпарол на ООН.
Катарскиот премиер, шеикот Ал-Тани, во телефонски разговор со шефот на иранското МНР го изразил незадоволството од континуираните напади врз Катар и другите соседни земји.
Маријана Димовска
