Ревизија

Скринингот за рак со алармантно низок опфат, над 80% од пациентките се откриваат доцна

07.04.2026 11:37

Државниот завод за ревизија откри сериозни слабости во програмите за рана детекција на рак – ниска покриеност, доцнење на резултати и недостиг од системска координација. Наместо рано откривање, најголем дел од пациентките започнуваат лекување во напредна фаза.

Скрининг програмите за рано откривање на рак во земјава не ја постигнуваат својата основна цел – навремена дијагностика и намалување на смртноста, покажува најновата ревизија на Државниот завод за ревизија.

Според наодите, опфатот на жените со скрининг за рак на дојка се движи од само 0,8 до 5,4 проценти, додека кај ракот на грло на матка од 10,3 до 15,5 проценти – далеку под европските препораки.

Ревизорите предупредуваат дека ваквиот низок опфат значи дека не може да се очекуваат значајни резултати во раното откривање на болеста. Тоа го потврдува и податокот дека кај над 80 проценти од пациентките лекувањето започнува во подоцнежни стадиуми.

Во анализираниот период, од 2021 до 2024 година, биле направени околу 21 илјада мамографии, како и над 130 илјади ПАП тестови, но и покрај тоа, системот не обезбедува доволна покриеност ниту навремени резултати.

Дополнителен проблем претставува доцнењето на резултатите – кај мамографските прегледи тие во просек се издаваат по околу 25 дена, а во некои случаи и по повеќе од два месеци.

Ревизијата нотира и слабости во организацијата: програмите се носат на годишно ниво без долгорочна стратегија, недостасуваат јасни индикатори за успех, а финансиското планирање не е поврзано со очекуваните резултати.

Покрај тоа, нема целосна евиденција за тоа колку жени се поканети и колку од нив се одзвале на скрининг, а дел од пациентките „се губат“ во системот, особено кога продолжуваат лекување во приватниот сектор.

Како клучни причини се наведуваат и недостигот од кадар, нерамномерната распределба на опрема, како и недоволната поврзаност на информациските системи.

Државниот завод за ревизија препорачува воспоставување долгорочна стратегија, јасни стандарди и индикатори, подобра координација меѓу институциите и континуирани кампањи за подигање на свеста кај населението.