Тензиите кулминираат – можни напади ако нема договор
Расте стравот и неизвесноста на Блискиот Исток. По неколку дена закани и продолжување на роковите, Трамп рече дека вечерва ќе биде ден за напади во Иран доколку до 20 часот нема договор за крај на војната. Техеран го одби примирјето и понуди свои услови. Иранското раководство истакна дека 14 милиони луѓе се пријавиле доброволно да го жртвуваат животот во војната. Израел со порака до иранските граѓани да не ги користат возовите.

Шефот на Белата Куќа се закани дека ќе го уништи Иран за една ноќ доколку не се постигне договор. САД планираат да ги нападнат сите мостови и електрани, а рокот за траен крај на војната истекува вечерва во 20 часот. Трамп вели, Иран направил значаен чекор во преговорите пред истекот на ултиматумот, но оти тоа не е доволно добро. Во меѓувреме, Израелската армија со порака до иранските граѓани да не ги користат возовите до 21 часот.
„Имаме промена на режимот, но не го направивме ова за промена на режимот. Некои велат тој нема план. Јас го имам најдобриот план од сите. Но, нема да ви кажам каков е. Тие сакаат да кажам, еве го мојот план, ќе нападнеме во 9:47 наутро, а потоа ќе го направиме ова или она. Овие луѓе овде знаат каков е планот. Не ми пречи да бидам навредуван. Многу години ме навредуваат лажните вести“, изјави Доналд Трамп-претседател на САД.
Властите во Техеран го отфрлија предлогот на САД и бараат дефинитивен крај на војната под свои услови кои предвидуваат деблокада на Ормускиот Теснец, но со такса од два милиона долара по брод. Иран бара и итно запирање на израелските напади врз Хезболах во Либан и целосно укинување на сите санкциите. Претседателот на Исламската република вели дека 14 милиони Иранци доброволно се пријавиле да го жртвуваат животот во војната.
„Ги поканувам сите наши млади, спортисти, уметници, студенти, универзитетски студенти и професори. Утре, вторник во 14 часот околу електраните без разлика на вашата политичка гледна точка. Соберете се да му кажете на светот дека нападот врз јавната инфраструктура е воено злосторство“, изјави Алиреза Рахими – Врховен совет на млади и адолесценти.
Меѓународната заедница изрази загриженост за ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Иран, Израел, Либан и земјите од Заливот регистрираа напади со ракети и беспилотни летала во изминатото деноноќие.
„Остануваме длабоко загрижени од тековната ескалација меѓу Хезболах и Израел, вклучително и израелските напади во Бејрут. Мировниците на УНИФИЛ известуваат дека во нивната област на дејствување има континуирана размена на ракетен и артилериски оган, воздушни напади и судири на терен, заедно со зголемено присуство на израелски сили на либанска територија“, изјави Стефан Дујарик – портпарол на ООН.
Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи е во кома и не е способен да ја извршува функцијата, тврди разузнавачка проценка на која се повикува лондонски „Тајмс“. Иранските власти претходно потврдија дека бил ранет во нападот на 28 февруари, во кој загина и неговиот татко, поранешниот врховен лидер Али Хамнеи.
Маријана Димовска
