Астронаутите на „Артемис 2“ се упатија кон Земјата откако извршија историско прелетување на Месечината
Во едночасовното затемнување на Месечината, екипажот на „Артемис 2“ бил сведок на некои ретко видени феномени кои се видливи само на неосветлениот дел. Пријавиле шест светлосни блесоци создадени од метеороиди кои удираат во нејзината површина додека патуваат со илјадници милји на час. Со новите сведоштва, се упатуваат кон Земјата.

Астронаутите на „Артемис 2“ се упатија кон Земјата откако извршија историско прелетување на Месечината и беа сведоци на целосно затемнување на Сонцето од нивното вселенско летало.
„Земјата е оаза среде цел куп ништо, ова нешто што го нарекуваме Универзум, каде што човештвото постои како едно“, истакнаа четворицата членови на екипажот.
„Кога бевме на другата страна од месечината и без контакт со Планетата Земја беше пресвртница. Ја видовме Земјата како исчезнува, но бевме толку зафатени со науката и имаме таква вера во интегритетот на нашето возило, вера во контролата на мисијата, што бевме во целосен мир и само си ја вршевме работата и се обидувавме да направиме добра работа за да собереме што е можно повеќе научни податоци додека бевме на другата страна од Месечината“, изјави Џереми Хансен, специјалист за мисии на НАСА.
„Гледањето како се брои растојанието од Земјата и од Месечината беше едно од најизненадувачките нешта што ми се допаднаа“, изјави Виктор Гловер, пилот на „Артемис 2“.
Американскиот претседател Трамп упати честитки до астронаутите откако прелетаа покрај Месечината, што е прво такво патување по повеќе од половина век.
„Испишавте историја и ја направивте цела Америка навистина горда, неверојатно горда“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
„Артемис 2“ е првиот лет со астронаути на НАСА на Месечината по 1972 година. Речиси 10-дневната мисија ќе заврши со слетување во Пацификот на 10-ти април. Ова е првиот чекор во плановите на НАСА за база на месечината и слетување на двајца астронаути во близина на јужниот пол во 2028 година.
Катерина Бојаџиева
