Битка за превласт во раководството на ССМ
Живко Митрески не се откажува од функцијата прв човек на Сојузот на синдикати на Македонија. Го обвини актуелниот претседател на ССМ дека бил нелигитимно избран, со фалсификат документи. Доби одговор дека лаже.

Слободан Трендафилов е незаконски избран за претседател на ССМ и сите негови одлуки и решенија се неважечки, тврди поранешниот синдикален лидер, Живко Митрески. Тој ја објави пресудата од Основниот граѓански суд – Скопје, донесена по негово тужбено барање, според која тој бил незаконски сменет од позицијата, а актуелниот прв човек на ССМ, Трендафилов бил нелигитимно избран.
Митрески бара од Владата и институциите веднаш да интервенираат согласно со пресудата и да го впишат како легитимен претседател на ССМ.
Живко Митрески е завршена приказна. Да бил во право уште тогаш ќе ја завршел работата, а не после години да бара правда, реагира актуелниот претседател на ССМ Трендафилов.
Инаку синдикалните превирања се случуваат во моменти кога живејачката поскапува поради случувањата на Блискиот Исток.
ССМ бара платите во државата да го следат порастот на инфлацијата, но и порастот на синдикалната кошница која е во пораст. Најавија синдикален марш на 1 мај.
Борис Грујоски
