Собрание

Јавна расправа за стратегијата против насилство, невладините бараат поголема поддршка за жртвите

07.04.2026 16:37

Повеќе финансии, правна и психосоцијална помош и подобри услуги за жртвите побараа невладините организации на расправата во Собранието. Институциите порачаа – насилството да се пријавува навреме.

Повеќе финансии, целосна правна и психосоцијална помош, пакет услуги за жртвите, обуки за вработените во центрите за социјални работи. Ова се само дел од барањата на невладините организации што ги истакнаа на јавната расправа за Националната стратегија од собраниската говорница.

Стратегијата според заменик-министерот за социјална политика Велковски е документ што ја отсликува јасната политичка определба на државата за нулта толеранција кон секој облик на насилство врз жените и семејното насилство.

Велковски рече и дека постојано се спроведуваат кампањи за подигнување на јавната свест.

Институциите апелираат насилството мора да се пријави навреме бидејќи молчењето само го продлабочува проблемот.

Тензично пред почетокот на расправата. Пратеничка од Европскиот фронт обвини за дискриминација и психичко насилството зашто материјалите не ѝ биле доставени на албански јазик.

Според претседателката на Комисијата за еднакви можности, Жаклина Пешевска наместо суштинска дебата за заштита на жените од насилство, јавноста видела обид за евтин политички перформанс.

Ана Јосифоска