Блиски Исток

Зголемени тензии пред истекот на ултиматумот на Трамп кон Иран за отворање на Ормутскиот теснец

07.04.2026 17:41

Напнатоста на Блискиот Исток достигнува критична точка додека истекува ултиматумот на САД за Иран, да склучи договор и да го отвори Ормускиот теснец до вечерва во 20 часот или да се соочи со целосно уништување на мостовите и електраните. Иран го отфрли предлогот на САД, бараат дефинитивен крај на војната под свои услови...

Напнатоста на Блискиот Исток достигнува критична точка додека истекува ултиматумот на САД за Иран, да склучи договор и да го отвори Ормускиот теснец до вечерва во 20 часот или да се соочи со целосно уништување на мостовите и електраните. Трамп оцени дека Иран направил значителен, но недоволен напредок во преговорите. Се надева дека Техеран ќе се предомисли.

„Цела цивилизација ќе умре вечерва, за никогаш повеќе да не се врати. Не сакам тоа да се случи, но веројатно ќе се случи. Сепак, сега кога имаме целосна и тотална промена на режимот, каде што преовладуваат различни, попаметни и помалку радикализирани умови, можеби може да се случи нешто револуционерно прекрасно, КОЈ ЗНАЕ? Ќе дознаеме вечерва“, објави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Иран го отфрли предлогот на САД, бараат дефинитивен крај на војната под свои услови-деблокада на Ормускиот теснец со такса од два милиона долари по брод, итно запирање на израелските напади врз Хезболах во Либан и целосно укинување на санкциите. Тврдат дека 14 милиони Иранци доброволно се пријавиле да го жртвуваат животот во војната, додека новиот врховен лидер, Моџтаба Хамнеи е во кома и не е способен да ја извршува функцијата-тврди лондонски „Тајмс“.

„Ги поканувам сите наши млади, спортисти, уметници, студенти, универзитетски студенти и професори. Утре, вторник во 14 часот околу електраните без разлика на вашата политичка гледна точка. Соберете се да му кажете на светот дека нападот врз јавната инфраструктура е воено злосторство‘, рече Алиреза Рахими, врховен совет на млади и адолесценти.

Во меѓувреме пријавени се воздушни напади врз иранските железнички линии, додека ударите врз инфраструктурата низ земјата продолжуваат по предупредувањата на Израел да не се користат возовите до 21 часот. Ирански медиуми тврдат дека бил нападнат и клучниот остров Харг, главен центар за извоз на нафта. Напади се регистрирани и во Израел и во Заливските земји. Меѓународната заедница загрижена.

„Остануваме длабоко загрижени од тековната ескалација меѓу Хезболах и Израел, вклучително и израелските напади во Бејрут. Мировниците на УНИФИЛ известуваат дека во нивната област на дејствување има континуирана размена на ракетен и артилериски оган, воздушни напади и судири на терен, заедно со зголемено присуство на израелски сили на либанска територија“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.

Речиси истовремено, во Истанбул е нападнат израелскиот конзулат. Во престрелка е убиен еден од тројцата напаѓачи, останатите се приведени, а неколку полицајци се повредени. Мотивите за нападот сè уште се истражуваат со цел да утврди дали ова бил насочен напад или изолирана акција.

Бојана Крстевски