ДЗР: Програмите за ран скрининг на рак се неефикасни, 80 отсто од пациентките доцнат со лекувањето
Едвај пет проценти од жените се опфатени со скрининг за рак на дојка, а 80 проценти од пациентките се дијагностицираат во доцна фаза на болеста – извештај на Државниот завод за ревизија. Од таму предупредуваат дека со вакви бројки не може да се очекува ефект во раното откривање на канцерот. Нема целосни податоци и за одѕивот, а системите не овозможуваат ефикасно следење.

Само пет проценти од жените прават скрининг за рак на дојка, од 10 до 15 на грлото на матката. Има сериозни слабости во превенцијата на малигните заболувања, нотира државниот завод за ревизија. Од здруженијата на пациенти алармираат, нема системски скрининг, само обиди за превентивни прегледи.
„Сериозно потфрламе во овој поглед, има некои чекори напред, но за да станува збор за скрининг програми треба да имаме капацитети да го опфатиме целото население до овој момент ние такви капацитети немаме“, изјави Ана Марјановиќ – „ХЕМА-ОНКО“.
Ревизијата покажува дека долго се чека и за добивање резултати – за мамографските наоди од 25 дена до два месеца. Со задоцнување се обработуваат и ПАП-тестовите, што е директна причина за задоцнето откривање на болеста. Лекарите велат – паралелно со скринингот треба да се зголемува и опфатот на вакцинација.
„Зошто сите наши што привремено работат во странство се вакцинирани, а зошто некои од тука одбиваат да се вакцинираат? Можеби треба да воведеме позитивни санинитетски закони“, рече д-р Горан Димитров – претседател на Македонско лекарско друштво.
Министерот за здравство признава дека превенцијата не дава резултати, најавува промена во скрининг-програмите.
„Ќе бараме од надлежните институции во Министерството за здравство да се промени методологијата, освен скрининг програмата да има следење на пост скрининг програмите, што е многу важен момент за да можеме да ги најдеме позитивните и негативните страни во процесот на скрининг програми“, рече министерот за здравство, Азир Алиу.
Недостигот на кадар, нерамномерната распределба на опрема и слабата координација меѓу институциите дополнително го отежнуваат процесот.
Незначителен процент од жените се опфатени со скрининг за рано откривање на рак на дојка и на матка, а кај 80 проценти лекувањето започнува во доцна фаза. Ова покажува дека системот за рано откривање сериозно потфрла.
7-ми април е светски ден на здравјето, годинава се одбележува под мотото „Науката ја прави здравствената заштита подостапна“.
Андријана Ѓурческа
