„Климатски промени – ризици и предизвици“ – дебата за справување со климатските промени
Климатските промени веќе не се тема за утре. Подолгите лета, загадениот воздух, недостигот од вода, нестабилното земјоделство го менуваат начинот на живот. Од Вила Водно дебата, па порака – мора да научиме да живееме во хармонија со природата, таа не се приспособува на нас, ние треба да се приспособиме со неа, ако сакаме да опстанеме.

Подолги лета, загаден воздух, нестабилно земјоделство. Она што до вчера го нарекувавме предупредување, денес веќе го живееме како реалност. Климатските промени одамна ја напуштија рамката на екологија. Тие сè повеќе се читаат низ здравјето, економијата и низ прашањето на безбедност. Претседателката Сиљановска-Давкова, го свика сиот ум во државата да дискутираат на оваа тема и преку заклучоци да му помогнат на општеството. Од Вила Водно, упати критика до алчните и неразумните.
Кога ризиците се множат, кризите ретко доаѓаат сами. Климатските промени не создаваат само нови проблеми, тие ги засилуваат постојните. Она што почнува како еколошки притисок, лесно се прелева во социјална несигурност, економски загуби, па и безбедносни тензии. И токму кога е потребна најјасна насока, во сенка на конфликти и геополитички превирања, дебатата за обновливи извори на енергија како да се повлекува.
Македонија не е на страна од овие процеси. Напротив – ги чувствува директно. И во природата, и во економијата, и во секојдневието. Планови и стратегии постојат. Се најавува и закон за климатска акција. Но, меѓу напишаното и спроведеното – сè уште има јаз што не може да се игнорира.
Реактивниот пристап веќе не функционира. Преминот кон превенција не е амбиција туку услов. Системи за рано предупредување, институционална координација и вистинска енергетска транзиција – се дел од одговорот што се очекува.
Професорите упатуваат, оти паметните луѓе живеат во хармонија со природата. Глупавите одат против неа, а тоа е однапред изгубена битка.
Катерина Топалова
