САД во офанзива против еболата

17.09.2014 10:30

Белата куќа презема офанзива за сузбивање на смртносната болест ебола. За таа цел 3.000 американски војници ќе бидат испратени во Либерија за помош на болничкиот персонал. Американскиот претседател Барак Обама најави и хуманитарна помош за бегалците во Сирија и обука на ирачките војници и сириските бунтовници за борба против Исламската држава на Ирак и Левант...

САД ќе испратат 3.000 војници и ќе донираат над 750 милиони долари за борба против еболата во Западна Африка. Овој амбициозен план на американскиот претседател, Барак Обама е обид да се спречи ширење на смртоносната болест на американско тло. 

„Ако ширењето на еболата не се запре сега, ќе има стотици илјадници заразени, а тоа  ќе има политички, економски и безбедносни последици за сите нас. Оваа епидемија не е закана само за регионот туку за глобалната безбедност. Ако овие држави и нивните економии пропаднат, ако луѓето почнат да паничат, тоа ќе има огромно влијание врз сите, иако не сме директно загрозени од болеста“, изјави Обама.

Америка ќе донира и 500 милиони долари за бегалците во Сирија.

„Бројот на внатрешно раселените луѓе и бегалците во Сирија изнесува над шест и пол  милиони“, вели Брајан Хенсфорд, портпарол на УНХЦР во Вашингтон.

Американскиот секретар за одбрана Чак Хејгл најави дека ако е потребно американски војници ќе ги обучуваат ирачките сили и бунтовниците во Сирија за борба против Исламската држава на Ирак и Левант.

Според најновата анкета на „Вол Стрит журнал“ и „Ен-Би-Си“, само 28 проценти од Американците веруваат дека американскиот претседател Барак Обама ќе ги победи силите на Исламската држава на Ирак и Левант.

 

Ирина Гелевска