Блиски Исток

САД и Иран постигнаа двонеделно примирје

08.04.2026 08:44

САД и Иран договорија двонеделно примирје непосредно пред истекот на ултиматумот на претседателот Трамп. Иран тврди дека Ормускиот теснец треба да биде отворен за бродскиот сообраќај со одредени ограничувања. Израел го поддржа договорот, но нагласи дека продолжува со операции против Хезболах во Либан. Светските лидери го поздравија потегот.

Час и половина пред истекот на ултиматумот на Трамп до Техеран – да прифати договор или да се соочи со целосно уништување на цивилизацијата, САД и Иран постигнаа двонеделно примирје, со отворање на Ормускиот теснец како клучен дел од договорот. По интервенцијата на Пакистан кој го повика Трамп на продолжување на рокот, шефот на Белата куќа прифати прекин на нападите во замена за слободен бродски сообраќај, оценувајќи дека иранскиот предлог од 10 точки е солидна основа за понатамошни преговори

„Врз основа на разговорите во кои тие побараа да го одложам испраќањето на деструктивната сила во Иран, и под услов Исламската Република Иран да се согласи на ЦЕЛОСНО, НЕПОСРЕДНО и БЕЗБЕДНО ОТВОРАЊЕ на Ормускиот теснец, се согласувам да го суспендирам бомбардирањето и нападот врз Иран за период од две недели. Ова ќе биде двостран ПРЕКИН НА ОГНОТ!“, изјави објава на Доналд Трамп – претседател на САД.

И Техеран се согласи да ги прекине борбите – потврди иранскиот министер за надворешни работи Арагчи. Властите тврдат дека постигнале голема победа, бидејќи САД го прифатиле нивниот план за ненапаѓање, контрола врз Ормускиот теснец и укинување на санкциите. Иранската војска ќе го координира бродскиот сообраќај низ теснецот за време на примирјето.

„Доколку нападите врз Иран престанат, и Иран ќе ги запре своите одбранбени операции. Во текот на две недели, безбедниот транзит во Ормускиот теснец ќе се спроведува во координација со нашите вооружени сили. Иран постигна голема победа и ја принуди криминалната Америка да го прифати нејзиниот план од 10 точки“, изјави водител на државната иранска телевизија ИРИБ.

Пакистан ги пофали „мудроста и разбирањето“ на САД и Иран и ги покани двете страни на разговори во Исламабад в петок за конечен договор за решавање на сите спорови.

„Привременото примирје меѓу Иран, САД и „нивните сојузници“ стапува во сила веднаш. Примирјето важи насекаде, вклучително и во Либан. Двете страни покажаа извонредна мудрост и разбирање и останаа конструктивно посветени на промовирање на мирот и стабилноста“-објава на Шехбаз Шариф – премиер на Пакистан.

Израел го поддржа договорот, но нагласи дека тоа не важи за неговите операции против Хезболах во Либан. Светските лидери го поздравија потегот.

„Ова се позитивни вести. Веќе некое време повикуваме на деескалација. Сакаме да видиме решавање на конфликтот“, изјави Ентони Албанезе -премиер на Австралија.

„Ја поздравуваме најавата на САД и Иран како позитивен развој на настаните. Најважно е всушност да се деескалира ситуацијата, вклучително и безбедноста на Ормускиот теснец. Се надевам дека ќе се постигне брз конечен договор преку дипломатски средства“, изјави Минору Кихара -главен секретар на кабинетот на Јапонија.

И покрај договорите, беше објавено дека голем број ракети биле испукани од Иран кон Израел и земјите од Персискиот Залив, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Катар. Веста за примирје доведе до пад на цените на нафтата.

Бојана Крстевски